Жените носат поголем генетски ризик за депресија, покажува најновото и досега најголемо истражување за генетските разлики меѓу половите кога станува збор за оваа болест, објавено во списанието Nature Communications, пренесува The Guardian.
Истражувањето, спроведено од австралискиот медицински институт QIMR Berghofer, открило 16 генетски варијанти поврзани со депресија кај жените и осум кај мажите. Иако дел од варијантите се заеднички, кај жените е забележано „поголемо генетско оптоварување“, што укажува на специфични женски генетски фактори кои ја зголемуваат подложноста кон депресија.
„Жените имаат двојно поголема веројатност да страдаат од депресија во текот на животот“, вели д-р Британи Мичел, водечка истражувачка во проектот. „До сега немаше доволно докази што ќе објаснат зошто депресијата различно ги погодува жените и мажите, особено кога се во прашање генетските фактори.“
Научниците анализирале ДНК на повеќе од 500.000 лица од пет земји – Австралија, Холандија, САД и две групи од Обединетото Кралство. Резултатите покажале дека кај жените постои посилна генетска поврзаност меѓу депресијата и метаболичките особини, како индексот на телесна маса и промените во енергијата.
Професорот Филип Мичел од Универзитетот во Нов Јужен Велс, кој не бил дел од тимот, вели дека овие резултати конечно нудат биолошко објаснување зошто жените почесто страдаат од депресија. „Ова отвора можност во иднина да се развијат различни третмани за депресија кај жените и кај мажите“, додава тој.