Цената на нафтата продолжува да паѓа на глобалните пазари — Брентот се тргува за 62 долари по барел, а американската сурова нафта WTI околу 58,3 долари. Станува збор за најниско ниво во последните пет месеци, откако Меѓународната енергетска агенција (ИЕА) ги ревидираше своите прогнози за понудата и побарувачката.
ИЕА ја зголеми прогнозата за раст на понудата на три милиони барели дневно за 2025 година и 2,4 милиони барели за 2026, главно поради зголеменото производство од земјите членки на ОПЕК+ и растечкото производство во САД.
Истовремено, Агенцијата ја намали очекуваната глобална побарувачка — на околу 700.000 барели дневно во следните две години, предупредувајќи дека резервите се зголемуваат и дека на пазарот веќе има видливи вишоци, особено во Кина и САД.
Од друга страна, ОПЕК во својот месечен извештај остана пооптимистичен, прогнозирајќи раст на глобалната побарувачка од 1,3 милиони барели дневно оваа година и 1,4 милиони барели за 2026 година.
Дополнителен притисок врз пазарите создаваат обновените трговски тензии меѓу САД и Кина, што ја зголеми неизвесноста и го поттикна падот на цените.