Мицкоски во Лондон на Самитот за Западен Балкан во рамки на Берлинскиот процес

Мицкоски

Премиерот Христијан Мицкоски заедно со владина делегација ќе учествува на Самитот за Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес, што денеска и утре ќе се одржува во Лондон.

Како што соопштија од владината прес-служба, премиерот Мицкоски, заедно со вицепремиерот Александар Николоски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, министерката за финансии Гордана Кочоска Димитриеска, како и министерот за евроинтеграција Орхан Муртезани, ќе учествуваат на голем број состаноци.

На маргините на самитот, а и во рамки на посетата на Обединетото Кралство, предвидени се и повеќе билатерални средби на претседателот на Владата.

При посетата на Обединетото Кралство, владината делегација ќе оствари повеќе економски работни средби кои ќе претставуваат економски исчекор за меѓусебната соработка, стои во соопштението.

На самитот во Лондон ќе бидат сумирани постигнатите резултати и ќе бидат дефинирани приоритетите за наредниот период во рамките на регионалната интеграција на Западен Балкан.

Берлинскиот процес беше започнат во 2014 година на иницијатива на тогашната германска канцеларка Ангела Меркел, со цел зајакнување на политичката, економската и инфраструктурната соработка на Западен Балкан и нивно приближување кон Европската Унија.

Зачлени се на нашиот е-билтен