Причината за падот на фуникуларот во Лисабон на почетокот на септември, кога загинаа 16 луѓе, бил неисправен кабел, покажаа резултатите од официјалната истрага.
Во несреќата, жичницата „Елевадор да Глорија“ на 3 септември удри во зграда откако излета од шините, а во прелиминарниот извештај португалското Биро за истрага на воздушни и железнички несреќи (GPIAAF) наведува дека кабелот што ги поврзувал двете кабини не ги исполнувал стандардите поставени од градскиот транспортен оператор, Железничката компанија на Лисабон (CCFL), пренесува Гардијан.
– Кабелот не бил во согласност со важечките спецификации на CCFL за употреба во трамвајот Глорија, се наведува во извештајот од 35 страници.
Останатите градски жичници во Лисабон се надвор од употреба од несреќата, а GPIAAF соопшти дека треба да останат надвор од употреба додека инспекторите не потврдат дека имаат системи за сопирање „способни да ги имобилизираат кабините во случај на кинење на сајла“.
Меѓу загинатите во несреќата со жичницата 11 беа странски државјани, а повредени беа 20 лица. Според белешката на GPIAAF неколку дена по несреќата, рутинскиот преглед утрото на денот на несреќата не пронашол ништо необично во врска со сајлата што пукнала.