Светски ден на влекачите: Поглед во таинствениот свет на поскокот од „Змискиот остров“

На 21 октомври, се одбележува Светскиот ден на влекачите — ден посветен на зачувувањето и почитта кон една од најфасцинантните групи животни на нашата планета. Од шареноликите гуштери и древните желки, до енигматичните змии и моќните крокодили, влекачите се важен дел од природното наследство и биолошката рамнотежа.

Овој ден потсетува на нивното еколошко значење, но и на заканите со кои се соочуваат – уништување на живеалишта, нелегална трговија и човечки предрасуди. Многу видови денес се загрозени, а нивното исчезнување би можело да го наруши природниот баланс, бидејќи влекачите играат клучна улога во контролата на популациите на глодари и во одржувањето на здрави екосистеми.

По повод денешниот Светски ден на влекачите, Македонското еколошко друштво (МЕД) објави фотографија на еден од најинтересните жители на островот Голем Град во Преспанското Езеро – поскокот (Vipera ammodytes), кој со право го носи и популарното име „змиски остров“.

Поскокот води скриен и мирен живот, претпочитајќи ги каменитите и зелените предели во внатрешноста на островот. Истражувањата на МЕД покажуваат дека неговите популации во последните 19 години остануваат стабилни, со околу 200 до 300 возрасни единки. Поради долгогодишната изолираност, кај оваа популација се развил џуџест раст – уникатна карактеристика што ја разликува од копнените змији.

Иако изгледот му носи репутација на опасен влекач, поскокот е срамежливо животно кое избегнува контакт со луѓе, придонесувајќи тивко и значајно во екосистемот на Преспанскиот регион.

Фотографија: Македонско еколошко друштво (МЕД)

Зачлени се на нашиот е-билтен