Јапонија доби прва жена премиер во својата историја – парламентот официјално ја избра Санае Такаичи, 64-годишна конзервативна политичарка, позната по прекарот „јапонската железна дама“, инспириран од британската лидерка Маргарет Тачер.
Такаичи ја презема функцијата во време на длабока политичка нестабилност, откако нејзиниот претходник Шигеру Ишиба поднесе оставка. Нејзиниот избор доаѓа по трет обид за премиерска функција, и таа стана четвртиот премиер во последните пет години, што говори за турбулентниот политички период низ кој минува земјата.
Либерално-демократската партија, чиј член е Такаичи, го обезбеди мнозинството со поддршка од десничарската Јапонска партија на иновации. Такаичи доби 237 гласа во Долниот дом и 125 во Горниот, победувајќи го опозицискиот кандидат Јошихико Нода.
Позната по своите цврсти десничарски ставови, Такаичи поддржува јакнење на јапонската војска, ревизија на пацифистичкиот устав и се спротивставува на истополовите бракови. Таа е долгодишна политичарка која ги извршувала функциите министер за внатрешни работи, економска безбедност и родова еднаквост, а важи за блиска сојузничка на покојниот премиер Шинзо Абе.
Новата премиерка ја презема власта во момент кога нејзината партија се соочува со скандали, поделби и прекин на коалицијата со Комеито, што дополнително ја ослабна владината стабилност. Меѓу нејзините први предизвици се борбата против инфлацијата, враќањето на довербата во институциите и подготовката за средбата со американскиот претседател Доналд Трамп, која ќе биде клучна за редефинирање на односите меѓу Токио и Вашингтон.
Трамп веќе ѝ честиташе на Такаичи, нарекувајќи ја „високо почитувана личност со голема мудрост и сила“. Таа возврати дека се надева на уште посилен и попросперитетен сојуз меѓу двете земји.
Според Би-би-си, Санае Такаичи влегува во Кабинетот со големи очекувања и еднакво големи предизвици – да ја врати стабилноста и довербата во јапонската политика, која последниве години е под притисок од внатрешни и меѓународни тензии.