Добитници на наградата „Сахаров“ се новинар од Белорусија и новинарка од Грузија

Добитници на овогодинешната Награда „Сахаров“ за слобода на мислата се притворениот белоруски новинар Андржеј Поцобот и грузиската новинарка Мзија Амаглобели, соопшти претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола.

Мецола изјави дека ѝ е чест да ја соопшти одлуката на Конференцијата на претседателите на Европскиот парламент, истакнувајќи дека наградата ја слави храброста на поединци кои ја бранат слободата на изразување и демократијата.

Останатите финалисти — меѓу кои и група студенти од Србија, како и новинари и хуманитарни работници од Палестина и други конфликтни региони — ќе бидат поканети на свечената церемонија на доделување, која ќе се одржи на 16 декември во Стразбур.

Наградата „Сахаров“, востановена во 1988 година, е највисокото признание на Европскиот парламент за поединци и организации кои се залагаат за човекови права и слобода на мислата.

Зачлени се на нашиот е-билтен