Косово го потврди отворањето миграциски центри, Македонија останува тивка

Лондон интензивно бара решенија за справување со нелегалната миграција и на преден план ја става можноста за отворање азилантски кампови во Западен Балкан, што е една од главните теми на самитот на Берлинскиот процес.

Британски официјални лица, како што пренесува „Политико“, потврдуваат разговори со лидерите од регионот за потенцијални центри за прием на вратени мигранти, но потенцираат дека ова е само еден од неколкуте предлози што се разгледуваат. Албанија, Босна и Херцеговина и Црна Гора јасно одбија, освен ако Лондон не вложи значајни средства во инфраструктура, додека Косово јавно ја прифати идејата и е во фаза на преговори.

Македонија, пак, останува во молк — ниту потврдува, ниту негира вакви разговори, и покрај тоа што има инвестициски договор со Велика Британија и неколку министри се во Лондон со премиерот Христијан Мицкоски. Наместо тоа, од македонската влада се објавуваат соопштенија за официјални средби со британскиот премиер Кир Стармер и прием кај кралот Чарлс.

Премиерот Стармер порано ја изрази поддршката за билатерални договори за третман на мигранти кои ги исцрпеле сите опции за останување во Велика Британија, но не откри детали за активни преговори со ниту една земја.

Миграциските центри беа тема и на неодамнешниот состанок на министрите за надворешни работи на Берлинскиот процес во Белфаст, каде што аналитичарите Косово го наведоа како најатрактивна опција, иако Приштина предупреди на ограничените капацитети.

Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека неговата земја е подготвена да помогне на Велика Британија во справување со нелегалната миграција и дека е во тек договор со Лондон. Тој посочи дека Косово гледа и дипломатска поддршка во замена за оваа помош, особено во контекст на заканите од Србија и руското влијание.

Самитот во Лондон го организира Стармер, кој ќе преговара со лидерите на шест земји од регионот со цел да го намали бројот на нелегални мигранти во Велика Британија.

На официјалниот прием кај кралот Чарлс минатата вечер, министерката за надворешни работи на Велика Британија, Ивет Купер, ја потенцираше важноста на односите со Западен Балкан и потенцијалот за соработка во културата, економијата и безбедноста.

Иако се водат разговори за можноста за отворање миграциски центри во регионот, британските медиуми не очекуваат официјални договори да бидат објавени на денешниот самит.

Зачлени се на нашиот е-билтен