Роберт Фицо: Словачка нема да ја финансира воената помош на ЕУ за Украина

Премиерот на Словачка, Роберт Фицо, изјави дека неговата земја нема да учествува во ниту една програма на Европската Унија за финансирање на воена помош за Украина.

Фицо потсети дека Словачка ја прекина државната воена поддршка на Украина во 2023 година, кога неговата влада дојде на власт, но продолжи да дозволува комерцијална продажба на оружје.

Одбивам да дозволам Словачка да биде дел од каква било финансиска шема што има цел да ѝ помогне на Украина во водењето на војната и во покривањето на воените расходи“, изјави Фицо на прес-конференција.

Тој нагласи дека не се согласува со политиката на повеќето земји членки на ЕУ во однос на војната и дека „решението не е на бојното поле“.

Лидерите на Европската Унија минатата недела се договорија да ги покријат „итните финансиски потреби“ на Украина за наредните две години, но се откажаа од планот замрзнатата руска имотна актива да се користи за финансирање на кредити кон Киев во износ од 140 милијарди евра.

Фицо повторно ги критикуваше санкциите на ЕУ кон Русија, оценувајќи дека „тие ѝ нанесуваат поголема штета на Европа отколку на Москва“.

Словачка и Унгарија, кои и понатаму се зависни од руските енергенси, наскоро ќе бидат погодени од американските санкции кон руските нафтени компании „Росњефт“ и „Лукоил“, кои ќе стапат во сила следниот месец.

На новинарско прашање за можните ризици, Фицо појасни дека словачката рафинерија „Словнафт“, која е дел од унгарската нафтена и гасна група MOL, „веќе не купува нафта директно од Русија“.

Зачлени се на нашиот е-билтен