Поради продолжената буџетска блокада во САД, војниците со недели чекаат на своите плати. Во невообичаен потег, Пентагон прифати анонимна приватна донација од 130 милиони долари за исплата на дел од воените плати, јавува Dojče vele.
Пентагон – најголемиот воен апарат во светот и симбол на американската моќ – се најде во невидена ситуација. Наместо државни средства, платите на дел од војниците ќе бидат покриени со приватни пари, што според експертите е преседан, па дури и можен судир со законските прописи.
Портпаролот на Министерството за одбрана потврдил дека донацијата е „примена и законски дозволена“, но износот е далеку од доволен.
Според податоците на Politico, само во првата половина од октомври трошокот за воени плати изнесувал околу 6,5 милијарди долари.
Трамп: „Еден пријател сакаше да помогне“
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека му се јавил „еден пријател патриот“ кој сакал лично да го покрие дел од финансискиот јаз предизвикан од т.н. „shutdown“ — блокадата на државните институции.
Трамп не го откри идентитетот на донаторот, но повторно ја обвини Демократската партија за застојот во работата на владата.
Политичка блокада без крај
Буџетската блокада трае веќе повеќе од три недели, а демократите и републиканците меѓусебно се обвинуваат за застојот. Иако републиканците имаат мнозинство во двата дома на Конгресот, сепак им се потребни и гласовите на демократите за усвојување на привремен буџет.
Поради тоа, многу федерални агенции работат со ограничен капацитет, дел од вработените не добиваат плата, а некои се и отпуштени – нешто речиси незамисливо за американската администрација.
Германија подготвена да позајми пари за американските вработени
Интересно, германската влада најави дека ќе исплати плати за околу 12.000 цивилни вработени во американските бази во Германија, ако САД не обезбедат средства навреме.
„Ако САД не можат навремено да ги исплатат платите, сојузната влада ќе преземе привремено финансирање од околу 43 милиони евра“, изјави портпаролка на германското Министерство за финансии.
Откако ќе заврши блокадата, САД ќе треба да ја рефундираат сумата на германскиот буџет.
