Премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ, најави дека владата денеска ќе донесе одлука за привремено укинување на безвизниот режим за турските државјани, по итна постапка.
„За да ја зачуваме економската активност и добрите билатерални односи, во наредниот период ќе иницираме интензивни разговори со Република Турција, со цел да се најде најдобриот модел во заеднички интерес и во духот на добрата соработка и сојузништво“, напиша Спајиќ на мрежата X (поранешен Твитер).
Одлуката следи по инцидентите во подгоричката населба Забјело, каде што во саботата вечерта беше тешко повреден жител на Подгорица, М. Ј. Полицијата спроведе рации и воведе вонредна состојба во населбата, откако дел од граѓаните излегоа на улица, извикувајќи навредливи пароли кон Турците.
Според извештаите на Телевизија Вијести, тројца турски државјани се забарикадирале во казино, стравувајќи од напад на разгневени жители. Полицијата потоа ги извела од објектот и привела двајца од нив, од кои еден е осомничен дека учествувал во нападот врз М. Ј.
По полициската интервенција, толпата била растерана, а истрагата за случајот продолжува.
