Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изрази целосна солидарност на Европа со Литванија, која се соочува со постојани навлегувања на шверцерски балони со хелиум во нејзиниот воздушен простор, оценувајќи дека станува збор за „хибридна закана“.
„Ова е провокација. Да ја наречеме со вистинското име – хибридна закана. Нема да го толерираме тоа,“ напиша шефицата на Европската комисија на социјалната мрежа X, додавајќи дека балоните се уште една причина за забрзување на клучната иницијатива на ЕУ – Eastern Flank Watch, мисија за набљудување на источните граници, како и европската иницијатива за одбрана од дронови.
Литванија: Ќе почнеме да ги соборуваме балоните
Литванската премиерка Инга Ругиниене изјави дека нејзината земја ќе почне да ги соборува шверцерските балони кои ја преминуваат границата од Белорусија, а кои повеќепати го прекинале воздушниот сообраќај во балтичката земја.
Во неделата, Литванија беше принудена да ја затвори аеродромската писта во главниот град Вилнус и неколку гранични премини со Белорусија, откако неколку балони со хелиум влегле во нејзиниот воздушен простор, соопшти Националниот центар за управување со кризи. Ова е четврти ваков инцидент за само една недела.
Литванија соопшти дека балоните ги испраќаат шверцери на цигари, обвинувајќи го белорускиот претседател Александар Лукашенко, близок сојузник на рускиот лидер Владимир Путин, дека не ја спречува оваа пракса.
Фон дер Лајен нагласи дека Европската унија ќе преземе мерки за заштита на источната граница и дека „безбедноста на Литванија е безбедност на цела Европа“.
