Јамајка се подготвува за најсилниот ураган во својата историја

Најмалку три лица загинаа на Јамајка додека островот се подготвува за ударот на ураганот Мелиса, кој според метеоролозите би можел да биде најсилната бура забележана во историјата на земјата, па дури и најмоќната на светско ниво оваа година. Американскиот национален центар за урагани предупредува на „катастрофални и по живот опасни услови“.

Со брзина на ветровите до 282 километри на час, ураганот Мелиса достигна петта категорија – највисока можно ниво. Се очекува директно да го погоди карипскиот остров во текот на денешниот ден.

Американскиот Национален центар за урагани соопшти дека, според максималната брзина на ветерот и нискиот атмосферски притисок, Мелиса е најсилната бура на светот досега во 2025 година.

Властите на Јамајка веќе издадоа наредби за евакуација во повеќе региони, а според Министерството за здравство, три лица загинале, а 13 се повредени – најчесто при падови од скали и покриви во обиди за зајакнување на домовите пред невремето.

Околу 50.000 домаќинства останале без електрична енергија, главно во западниот дел на земјата.

Премиерот на Јамајка, Ендру Холнес, се обрати до јавноста со драматичен апел:

„Молам на колена. Се молам за мојот народ, а целиот свет се моли за Јамајка,“ изјави Холнес.
Тој предупреди дека „во регионот не постои инфраструктура што може да издржи ураган од категорија 5“.

Според експертите, се очекуваат катастрофални поплави, бројни свлечишта, уривање на објекти и долготрајни прекини на електричната и телекомуникациската мрежа.

Очите на светот сега се вперени во Карибите, додека Јамајка со страв ја чека најсилната бура што некогаш ја погодила.

Зачлени се на нашиот е-билтен