Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека околу 200 руски војници во моментов се распоредени во Покровск, стратешки важен град на истокот на Украина што Москва со месеци се обидува да го заземе.
„Штом тие војници се појават или отворат оган од некоја позиција, тие веднаш се лоцираат и уништуваат. Покровск е моментално главната цел на Русите“, рече Зеленски на брифинг со новинари, додавајќи дека неговата изјава била под ембарго до утрово.
Во неделата Зеленски соопшти дека во Покровск и неговата околина се водат „жестоки борби“.
Тој исто така нагласи дека на Украина ќе ѝ биде потребна финансиска поддршка од Европа уште „две до три години“ за да може да ѝ се спротивстави на руската инвазија. Зеленски ја поздрави иницијативата на Европската комисија да се деблокира дел од замрзнатата руска имовина за финансирање на Украина во војната.
„Им порачав на европските лидери дека нема да се бориме со децении, но треба да покажат дека во следниот период можат да обезбедат стабилна финансиска поддршка“, изјави Зеленски.
Украинскиот претседател изрази надеж дека американскиот претседател Доналд Трамп ќе изврши притисок врз кинескиот лидер Си Џинпинг за време на нивната средба во Сеул, за Пекинг да ја намали поддршката за Москва и увозот на руски енергенси.
„Тоа би можел да биде еден од силните гестови на Трамп, особено ако по воведувањето на санкциите Кина навистина го намали увозот на руска нафта и гас“, додаде Зеленски.
Вашингтон минатата недела воведе санкции за две руски нафтени компании и ги повика земјите кои купуваат руски енергенси, особено Кина и Индија, да го намалат увозот што, според американските и украинските власти, ја финансира руската воена агресија.
