Македонија според ЕУ е почетник како се прават буџети

Европската комисија ја оценува Македонија дека е почетник „во рана фаза“ во Поглавје 33 односно сопствени средства на ЕУ, делот што ги уредува уплатите во заедничкиот буџет (царини, дел од ДДВ и БНД-придонес). Законите и системите допрва треба да се наместат за да можеме првиот ден од членството прецизно да собираме, пресметуваме и префрламе средства кон ЕУ, без спорови и „ракописи“ во последен момент, доколку Македонија го фаќа возот за ЕУ за 2030 заедно со регионот.

Клучната забелешка е дека методологиите за национални сметки и пресметка на БНД мора да се усогласат со ESA2010, зашто токму БНД е столбот на придонесите. Паралелно, царинските и акцизните системи треба технички да се зајакнат: модерна обработка на давачки, траење на контроли, стандардизирани процедури и целосен пристап до системот OWNRES за пријавување измами. Без овие алатки нема точни „сопствени средства“, а без точни средства – нема доверба во пресметките.

Комисијата бара и институционална поставеност. Тоа практично значи јасно именувана единица во Министерството за финансии што ќе координира со Царина (традиционални сопствени средства), УЈП (ДДВ-основица) и Државниот завод за статистика (БНД), ќе ги води уплатите кон и од ЕУ и ќе ги проверува извештаите. Без центар на одговорност, системот останува растргнат меѓу институции, а ризикот од грешки расте.

Иако ова поглавје е техничко и директно зависи од напредок во царина, даноци и статистика, ЕК очекува проактивност – не чекање „да дојде време“. Најдобра практика е веднаш да се почне со пробни пресметки: симулации колку би платиле по различни сценарија и каков би бил приливот од царини и ДДВ. Токму овие симулации откриваат проблеми додека уште е евтино да се коригираат.

Следете го нашиот блог со сите најнови текстови на тема извештајот на ЕУ за Македонија на овој ЛИНК

Зачлени се на нашиот е-билтен