Странците кои ги прекршиле сообраќајните правила во Грција повеќе нема да можат да ја напуштат земјата со своите автомобили ако не ја платиле изречената казна. Систем со дигитално поврзување на царината ќе ги проверува сите возила на граничните премини, објави министерот за дигитално управување Димитрис Папастергиу.
Министерството е веќе во фаза на имплементација на системот. Царинските органи ќе добиваат информации во реално време врз основа на регистарските таблички дали е изречена казна за сообраќаен прекршок. Плаќањето ќе се врши на граничниот премин при излез од земјата.
Истиот систем ќе се воведе и на аеродромите во секторите каде што се изнајмуваат автомобили. При напуштање на Грција со ферибот, неплатените казни ќе се проверуваат и на регистарските таблички.
„Секој потврден прекршок ќе стигне до царината во реално време. Возачот нема да може да ја напушти земјата ако не ги подмирил своите обврски. Ова е вистински дигитален пресврт кој не само што ја штити државата од даночна евазија, туку и ја зајакнува еднаквоста меѓу грчките и странските возачи“, нагласи министерот.
Папастергиу додаде дека новиот систем наскоро ќе се прошири на туристичките дестинации, каде што возилата со странски регистарски таблички и автомобилите под наем сочинуваат значаен дел од сообраќајот во текот на летните месеци.
Целта е да се затворат сите „дупки“ и да се создаде „транспарентна, фер и автоматизирана јавна администрација – од градот до последната царинска испостава во земјата“.
Системот целосно го автоматизира регистрирањето на прекршоците, испраќањето покани и собирањето казни преку централизирани механизми, додека приходите се распределуваат на општините со транспарентност и стабилност. Парите од казните ќе се користат за подобрување на патиштата.
Грчките власти потсетуваат дека е забрането возење со валкани регистарски таблички, а се изрекува казна од 350 евра за секој обид за ставање налепница или намерно прикривање на сите информации на регистрацијата на автомобилот.

