Европскиот парламент на 13 ноември (четврток) ќе гласа за предлогот да се продолжат трговските поволности за земјите од Западен Балкан до 2030 година, јавува N1.
Станува збор за измени на постојната Уредба на Европската унија, која ги регулира трговските односи со земјите што учествуваат или се поврзани со Процесот на стабилизација и асоцијација.
Поволности за шест земји од регионот
Овие поволности им овозможуваат на земјите од регионот – Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија, Северна Македонија и Косово – да извезуваат одредени земјоделски производи, како овошје, зеленчук и вино, без царини или со намалени царински стапки.
Предлог: Продолжување без нови поволности
Авторот на извештајот, европратеникот Крис ван Дајк, предлага постојниот режим да се продолжи до 2030 година, без воведување нови олеснувања, но со задржување на сегашните услови и контролни механизми.
„Ова продолжување претставува сигнал на предвидливост и континуитет за нашите партнери од регионот и јасна порака дека трговските поволности се поврзани со демократските реформи и усогласувањето со европските вредности,“ изјави Ван Дајк.
Поволности под услов
Како и досега, поволностите ќе важат само за земји кои ги почитуваат принципите на демократија, владеење на правото и човековите права. Во случај на сериозни прекршувања, Европската комисија може привремено да ги суспендира мерките.
Амандаман за Србија без поддршка
Меѓу поднесените амандмани, највпечатлив е оној на чешката европратеничка Маркета Грегорова (од партијата на Зелените), која предложи Србија да биде исклучена од режимот на трговски поволности поради „неусогласеност со заедничката надворешна политика на ЕУ и ерозија на владеењето на правото“.
Сепак, не се очекува овој амандман да добие поддршка при гласањето во Европскиот парламент.
Трговијата меѓу ЕУ и регионот расте
Според податоците на Европската комисија, вкупната трговија меѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан во 2024 година изнесувала 83,6 милијарди евра.
Европската унија е најголем трговски партнер на регионот, учествувајќи со 78% од неговиот извоз и 59% од увозот.
Вредноста на трговската размена што е опфатена со поволностите се зголемила за повеќе од 120%, од 60,5 милиони евра во 2018 година на 137 милиони евра во 2024 година.

