Украинската влада го разреши министерот за правда Герман Галушченко поради сомнежи за вмешаност во голем корупциски скандал, објави новинската агенција УНИАН.
Премиерката Јулија Свириденко ја соопшти одлуката на својот канал на Телеграм, прецизирајќи дека функцијата привремено ќе ја извршува заменик-министерката за правда задолжена за европски интеграции, Људмила Сугак.
Според официјалните информации, против Галушченко е покрената истрага, но засега не е прецизирано дали случајот е поврзан со постојната антикорупциска истрага во енергетскиот сектор, која ја води Националното антикорупциско биро на Украина (НАБУ).
НАБУ и Специјалното обвинителство за борба против корупцијата (САПО) неодамна објавија аудио-снимки од разговори на лица вмешани во голема шема за измама во државната компанија Енергоатом. Според истражителите, Герман Галушченко се наоѓа меѓу осомничените.
Шефот на главната детективска единица на НАБУ, Александар Абакумов, изјави дека истрагата укажува на тоа дека Галушченко ја предводел криминалната група наречена „Карлсон“, која управувала со нелегална мрежа за перење пари добиени преку енергетски зделки.
Како дел од истрагата, на 10 ноември детективите на НАБУ извршиле претреси во домот на Тимур Миндич, бизнисмен и ко-сопственик на студиото „Квартал 95“, кое е блиско до претседателот Володимир Зеленски.
Украинските медиуми јавуваат дека ова е еден од најсериозните антикорупциски случаи во земјата во изминатите години, кој може да има значајни политички последици.

