Во индиската престолнина Делхи повторно е прогласена вонредна состојба поради опасно високи нивоа на загадување. Властите најавија дека основните училишта ќе преминат на хибридна настава, додека сите неприоритетни градежни активности се забранети.
Квалитетот на воздухот достигна „екстремно опасно“ ниво, со концентрации на PM2.5 честички од 438 микрограми по кубен метар, што е речиси 30 пати над безбедната граница на Светската здравствена организација. Според лекарите, ваквото загадување може сериозно да влијае дури и на здрави лица, а особено да го влоши здравјето на децата, постарите и хронично болните.
Граѓаните се повикани да избегнуваат излегување на отворено, а во случај на неопходно движење – да користат заштитни маски.
Покрај ограничувањето на сообраќајот и транспортот, властите активираа дополнителни „смог-пушки“ – уреди што распрскуваат вода за да ги намалат прашината и токсичните честички во воздухот.
Загадувањето на воздухот е повторувачки проблем во северна Индија, особено во зимскиот период, кога слабите ветрови, индустриските емисии, сообраќајот и палењето на стрништа создаваат густа магла и смог над градот.
Делхи моментално е во третата фаза од Планот за итен одговор на загадување (GRAP), што подразбира и ограничувања за тешки возила, како и забрана за рударски и градежни активности кои создаваат прашина.
Кризата предизвика и политички судир: опозициската Аам Адми партија ја обвини владата дека ги „пригодува“ податоците за квалитетот на воздухот и не презема доволно мерки за заштита на населението. Власта ги негира обвинувањата и тврди дека работи со целосна посветеност на намалување на загадувањето.
Сепак, експертите предупредуваат дека, без долгорочна стратегија и регионална соработка, Делхи и понатаму ќе се дави во смог секоја зима.

