Почина поетесата д-р Славица Свидерска

Друштвото на писателите на Македонија со длабока тага ја информира јавноста дека денеска (12 ноември), почина поетесата Славица Свидерска (1984, Битола).

Свидерска беше доктор на филолошки науки, а смртта ја затекна на функцијата лекторка по македонски јазик на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и на Факултетот за странски јазици во Тирана.

-Зад себе остави богато поетско, есеистичко и научно творештво од областа на теорија на книжевноста. Членка е на Друштвото на писателите на Македонија. Преведувана е на десетина јазици и добитничка е на повеќе поетски награди во земјава и во странство, велат од ДПМ.

Македонската амбасада во Тирана изрази длабоко сочувство до семејството на  Славица Свидерска, професорка по македонски јазик на Лекторатот по македонски јазик на Факултетот за странски јазици, при Универзитетот во Тирана.

-Денес нашата Амбасада ја обви тишина и тага. Замина нашата драга колешка, професорката и лектор по македонски јазик на Универзитетот во Тирана, Славица Свидерска – жена со благородна душа, тивка, силна и со неизмерна љубов кон луѓето, стои во објавата на амбасадата.

Авторка е на поетските книги „Бесконечност“ (2001), „Писма“ (2012), „Политики на љубовта“ (2015), „Тела“ (2016), „Политики на стравот“ (2021), Golgotha Feminarum (2023), „Мистичен си свету“ (2025), научните монографии „Книжевноста и дискурсите на моќта“ (2013), „Книжевноста и политичкото насилство“ (2018), како и книжевно-филозофските есеи „За смислата и за апсурдот“ (2017).

Погребот ќе се одржи утре, 13 ноември. од 11 до 12 часот на Светонеделските гробишта во Битола. 

Зачлени се на нашиот е-билтен