Мемли Красниќи поднесе оставка од функцијата претседател на Демократската партија на Косово

Красниќи најави дека одлуката е израз на одговорност и желба за нов почеток во партијата, а нов претседател на ДПК ќе се избере на 17 ноември.

Претседателот на Демократската партија на Косово (ДПК), Мемли Красниќи, денеска поднесе оставка на таа функција.

Тој ја информираше јавноста за својата оставка на денешната прес-конференција, одржана по седницата на Претседателството на партијата.

Красниќи рече дека овој чин е израз на рефлексија и одговорност, со цел да се создаде нов моментум за ДПК.

– Она што започна како младешки и идеалистички ангажман, се претвори во најважното патување во мојот живот. Повеќе од дваесет години ангажман во ДПК ми дадоа чест да работам за мојата држава и моите граѓани – од претседател на Демократската младина до претседател на Демократската партија. Пред сè, имав неспоредлива чест да ја потпишам Декларацијата за независност на Косово, рече тој.

Красниќи изјави дека оваа одлука не е поврзана со ниту еден скорешен политички развој, туку со потребата да ѝ се даде на партијата „нов дух и нова можност за иднината“.

Тој, исто така, соопшти дека ја свикал Конвенцијата на ДПК за 17 ноември, на која ќе биде избран нов претседател на партијата.

Според извори на весникот КОХА од партијата, планирано е Бедри Хамза да ја преземе функцијата претседател на партијата.

Красниќи беше избран за претседател на ДПК на 3 јули 2021 година. 

Зачлени се на нашиот е-билтен