МВР и РСБСП ја стартуваа зимската кампања „Вози безбедно – стигни сигурно“

Министерството за внатрешни работи (МВР) во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) ја започнаа зимската кампања „Вози безбедно – стигни сигурно“. Кампањата беше промовирана на наплатната станица „Петровец“ преку превентивно-едукативна активност спроведена од полициски службеници од Секторот за сообраќајни работи и Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Кампањата има за цел да ги потсети возачите дека во периодот од 15 ноември до 15 март е задолжително поседување пропишана зимска опрема и да обезбеди едукација за правилно користење на истата.

Според правилата, за возила до 3.500 килограми задолжително е користење зимски пневматици со минимална длабочина на шара од 4 мм на сите тркала или летни пневматици со истата минимална длабочина и синџири за снег за погонските тркала. За возила со погон на сите четири тркала потребни се зимски гуми со минимална длабочина од 6 мм или летни гуми со длабочина од најмалку 4 мм во комбинација со синџири.

Надлежните потсетуваат дека зимските услови – снег, мраз, голомразица, магла и намалена видливост – значително го зголемуваат ризикот на патиштата и бараат поголема внимателност од возачите.

МВР и РСБСП препорачуваат:

  • следење на временските и патните услови,
  • прилагодување на брзината и стилот на возење,
  • почитување на сообраќајните правила и сигнализација,
  • задолжително носење и правилно користење на зимска опрема,
  • редовна зимска проверка на возилото,
  • одржување безбедно растојание и избегнување нагло сопирање.

Со кампањата институциите испраќаат порака дека безбедноста во сообраќајот е заедничка одговорност и дека секој учесник може да придонесе кон побезбедни патишта.

Извор: Министерство за внатрешни работи (МВР)

Зачлени се на нашиот е-билтен