Ќе плаќаме повеќе за нарачките од „Тему“ – Предлог Законот за ДДВ го мина првиот филтер

Во собраниската Комисија за финансирање и буџет, денеска Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност го помина првото читање пред членовите на Комисијата.

-Се предлага укинување на постојното ослободување од ДДВ за увоз на пратки со мала вредност, до 22 евра, испорачани од странство до примачи во Македонија. Предлогот предвидува и ослободување од ДДВ за мали пратки од некомерцијална природа пратени од физичко лице од странство до физичко лице – примач во земјава со вредност до 22 евра. Сепак, се предвидени и исклучоци од ова ослободување, даночно ослободување не се применува за одредени категории производи: алкохол и алкохолни пијалаци, парфеми и тоалетна вода и тутун и преработки од тутун, рече заменик министерот за финансии Николче Јанкуловски кој го образложи предложениот текст пред Комисијата.

Според Јанкуловски, основна причина поради која се врши изменување и дополнување на постојното законско решение е создавање појасна правна рамка, спречување злоупотреби и пофер услови за стопанисување.

-Се задржува сепак можноста граѓаните да примаат лични пратки од странство до 22 евра без плаќање ДДВ што од социјален аспект е многу значајно, потенцира заменик-министерот.

Тој потсети дека со директива од ЕУ од 2021 година е укинато ослободувањето од плаќање ДДВ за мали комерцијални пратки.

Според пратеникот од Левица Реџеп Исмаил, овој Предлог-закон е само политички изговор со кој само ќе се удри уште еднаш по оние што имаат најмалку примања.

Досега, нарачките од интернет од платформите како АлиЕкспрес и Тему беа ослободени од ДДВ ако нивниот износ беше до 22 евра (околу 1.300 денари) но ако се усвои новиот Закон тогаш и на оваа сума ќе треба да се плати данок од 18%.

Зачлени се на нашиот е-билтен