Германскиот канцелар Фридрих Мерц денес изјави дека во телефонски разговор му порачал на украинскиот претседател Володимир Зеленски да спречи масовно доаѓање на млади Украинци во Германија. „Потребни се таму, во Украина“, повтори Мерц подоцна на конгресот на трговци во Берлин.
Според податоците на Евростат, во септември земјите членки на Европската унија забележале пристигнување на 79.205 украински бегалци – највисока бројка во еден месец од август 2023 година. Европската статистичка агенција ова го поврзува со одлуката на Украина од август 2025 година, со која на мажите од 18 до 22 години им беше дозволено слободно да ја преминуваат границата.
Германија во моментов згрижува повеќе од 1,2 милиони украински бегалци, што претставува 28,3 проценти од вкупниот број бегалци во ЕУ, соопшти Евростат оваа недела.
Мерц најави дека германската влада планира измени во бенефициите за украинските избегани лица, со цел поттиките за вработување да станат посилни од поттиките за останување во системот на социјална помош.
Според предлог-законот, за кој се очекува владата да даде зелено светло наредната недела, Украинците кои ќе пристигнат во Германија по 1 април 2025 година ќе добиваат пониски надоместоци – оние што важат за баратели на азил, наместо досегашната надоместок за невработеност.
Извор: Index.hr

