Дијана Хрка, мајката на младиот Стефан кој трагично загина при уривањето на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад, денеска не се обрати пред медиумите. Наместо неа, јавноста ја информираше нејзиниот пријател Велибор Микиќ, кој откри дека нејзината здравствена состојба се влошила откако нејзиниот помал син примил вознемирувачки телефонски повик од лица што се претставиле како полицајци и барале од неа да го прекине штрајкот со глад, пренесува Nova.rs.
Вознемирувачки повик од непознато лице
Микиќ објасни дека Дијана, која штрајкува со глад веќе 12 дена, иако е стабилна, била силно потресена од вчерашниот настан. Нејзиниот син бил контактиран од непознат број, при што лицата се претставиле како полициски службеници и барале тој да влијае врз мајка си да ја смени одлуката и да го прекине штрајкот.
„Не можевме да потврдиме ништо. Се обидовме подоцна да провериме, но бидејќи станува збор за лажен, скриен број, не можевме да утврдиме кој стои зад повикот. Таа беше особено вознемирена затоа што сега е вмешан нејзиниот син. Тој го доживеа тоа како вознемирување, а таа со тешкотија се смири“, изјави Микиќ.
Продолжува со штрајкот и покрај притисоците
Според Микиќ, Дијана Хрка останува решена да продолжи со штрајкот. Дури и лекарите од приватна клиника синоќа апелирале да се откаже од штрајкот, но таа одбила.
Поради вознемирувањето на син ѝ, Хрка официјално побарала од полицијата да испита кој стои зад повикот. Бројни граѓани кои секојдневно ѝ даваат поддршка го поддржаа нејзиното барање и побараа итна и темелна истрага на целиот случај.
Извор: Index.hr

