Организацијата Еко-свест ја најави првата Еко трампа „На ти го, дај ми го“, уникатен настан посветен на одржливост, заедништво и креативна размена. Настанот ќе се одржи на 22 ноември во Собрание Бистро, со почеток од 12 часот, и е отворен за сите кои сакаат да им дадат нов живот на старите предмети што веќе не ги користат.
Концептот е едноставен, но инспиративен – секој учесник може да донесе до пет предмети (облека, книги, модни додатоци, ситни апарати или други употребливи предмети) и за секој донесен предмет ќе добие купон за размена. Со тој купон може да избере нешто што друг учесник го донел – ново мало богатство кое чека да биде откриено.
Сите предмети треба да бидат чисти, зачувани, а доколку станува збор за електронски уреди – функционални. Како мал знак на благодарност за учеството, секоj учесник ќе добие бесплатно кафе – затоа што секоја добра размена започнува со пријатен разговор и топол пијалок.
Овој настан е инспириран од слични практики ширум светот, кои ја промовираат културата на повторна употреба и одржлив животен стил. Со „На ти го, дај ми го“, Еко-свест има за цел да ја внесе оваа позитивна навика и во македонското секојдневие.
„Често ми се случувало да видам уникатно парче облека и да дознаам дека е рачна изработка или стар модел од некоја претходна сезона. Денешната глобализирана мода нè тера сите да изгледаме слично, но токму second hand парчињата и размената носат посебен шарм и автентичност. Со овој настан сакаме да потсетиме дека убавината не мора секогаш да биде нова – таа може да биде обновена, прераскажана и споделена“ вели Искра Манојлоска, координаторка за комуникации во Еко-свест.
Еко трампата е повеќе од обична размена – таа е можност да се запознаете со луѓе кои размислуваат слично, да најдете неочекувани модни парчиња или предмети со приказна, и да дадете свој мал придонес за позелена иднина.

