Трамп: Републиканците подготвуваат закон за санкции кон секоја земја што соработува со Русија

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Републиканската партија работи на нацрт-закон со кој ќе се воведат строги санкции за секоја земја што остварува економска или друга соработка со Русија, а посочи дека и Иран би можел да се најде на таа листа.

„Како што знаете, јас го предложив тоа. Секоја земја која работи со Русија ќе биде многу строго санкционирана“, изјави Трамп за новинарите, пренесе Ројтерс.

Тој додаде дека Вашингтон внимателно ги следи последиците од санкциите што минатиот месец беа воведени против двете најголеми руски нафтени компании – „Роснефт“ и „Лукоил“. Според неименуван извор, американската администрација разгледува и дополнителни мерки со цел понатамошно зголемување на притисокот врз Москва.

Трамп нагласи дека, покрај Русија, и Иран би можел да биде додаден на листата земји кои ќе се соочат со нови санкции.

Зачлени се на нашиот е-билтен