Експлозивна направа ја предизвикала експлозијата што вчера сериозно ја оштети железничката пруга на релацијата Варшава–Лублин, соопшти денес полскиот премиер Доналд Туск, нагласувајќи дека станува збор за акт на саботажа.
„Железничката пруга беше разорена од експлозивна направа. Итните служби и обвинителството работат и се излезени на терен. Оштетување е констатирано и поблиску до Лублин, на истата траса“, напиша Туск на платформата X.
Локалната полиција вчера информираше дека машиновозач пријавил оштетување на пругата во централниот дел на Полска.
Полските власти претходно укажуваа дека, поради улогата на Варшава како главен логистички центар за поддршка на Украина во војната со Русија, земјата станала мета на саботажи. Москва повеќепати ги негираше таквите тврдења.

