Полагањето за возачка дозвола од Б-категорија значително поскапе за речиси 10.000 денари што предизвика силни реакции меѓу кандидатите и нивните семејства.
Досега обуката чинеше околу 24.000 денари, но од овој месец цената се искачи на 34.000 денари. На тоа се додава и трошокот за изнајмување полигон од 250 денари по час, па секој дополнителен час возење станува директен финансиски удар.
Авто-школите објаснуваат дека покачувањето било неминовно поради колку зголемените трошоци за гориво и одржување, толку и поради новите стандарди пропишани од Министерството за транспорт и врски. Според нив, цените од пред една деценија веќе не одговараат на денешните услови. И тие сепак признаваат дека високата цена ќе ги натера многу млади да размислуваат дали воопшто да се запишат.
Економските аналитичари предупредуваат на поширок ефект: дел од младите може да ја одложат или целосно да се откажат од возачка дозвола, што ќе се одрази и на пазарот на труд – особено во професии каде возењето е неопходно.
Според неофицијални информации, Министерството за транспорт и врски тврди дека промените имале за цел подобрување на квалитетот на наставата и усогласување со европските стандарди. Но, на терен ова објаснување не нуди голема утеха.
Кандидатите велат дека и претходно било скапо, а сега – како што коментираат некои „само богатите ќе можат да положат“.
Така, нешто што некогаш се сметаше за важен чекор кон независноста, денес сè повеќе личи на луксуз кој многумина нема да можат лесно да си го дозволат. Цените продолжуваат да растат, а никој не може да каже каде е крајот на ова поскапување.
Извор: Денар

