Движењето на цените на храната внимателно се следи и засега не се планираат мерки за да се спречи нивно евентуално зголемување, порача денеска заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески.
„Имаме редовни контакти со Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) кој оваа година има направено рекордни над 20 000 надзори во сите субјекти на цела територија на Македонија и изречени се казни за непочитување на законите, посебно околу непазарното однесување на одредени трговци и маркети“,посочи тој.
Во врска со покачувањето на цените и непочитување на претходните мерки, тој кажа дека се изречени казни од 150 милиони денари односно дека 2,5 милиони евра се слеани во буџетот на државата.
„Ние и натаму ги следиме цените, гледате дека инфлацијата е горе-долу стабилизирана со благ пад. Ако утврдиме дека има такви непазарни, нелогични зголемувања на цените, ќе размислуваме со какви мерки ќе дејствуваме. Сега засега нема да има мерки“ посочи Ристески.
Инаку изминатите денови граѓани револтирано реагираат на социјалните мрежи поради наглото зголемување на јајцата, чија цена преку ноќ порасна за 10 до 15 проценти, а се очекува во наредниот период да се зголеми и цената на месото.
Синдикалната минимална кошница за месец октомври 2025 година, според пресметките на ССМ, изнесува 65.544 денари, што претставува зголемување од 467 денари.

