Марта Кос: Вашиот дом е ЕУ, но нема членство без избор на страна

„Вашиот дом – Европа ве чека, вие сте дел од Европа.“ Со оваа реченица комесарката за проширување Марта Кос им се обрати на лидерите од Западен Балкан во Тирана, во друштво и на премиерот Христијан Мицкоски. Пораката звучи топло и охрабрувачки, дополнета со друга формулација – дека земјите од регионот „припаѓаат во ЕУ со полнo право“ и дека Европа не може да биде безбедна без Западен Балкан.

Но зад овој европски комплимент стои многу потврда порака. Истата Марта Кос, во последните недели, на повеќе форуми потсетува дека проширувањето „нема брзи решенија“, дека земјите кандидати мора целосно да се усогласат со правилата и стандардите на Унијата и дека процесот веќе не е техничко броење поглавја, туку геополитички избор: на која страна стоите во конфликтот меѓу демократиите и авторитарните режими.

Во Тирана, на Самитот за Планот за раст, Кос зборуваше за синхронизиран напредок на сите земји од регионот – порака дека Брисел сака пакет-приказна за Западен Балкан, а не изолирани „фаворити“. Од една страна, ЕУ испраќа јасен сигнал дека се подготвува за нови членки водена од прашањата за мир, безбедност и демократија; од друга, инсистира дека Западен Балкан мора да стане дел од европскиот безбедносен штит, што подразбира јасно усогласување со санкциите кон Русија и западната надворешна политика.

Во овој контекст, реченицата „припаѓате во ЕУ со полнo право“ не е чек на бланко, туку условен договор. Кос веќе јавно порача дека нема ЕУ без владеење на правото – Европската унија останува загрижена за правната држава во земјите кандидати, иако бележи одредлив напредок. Тоа важи и за Северна Македонија, која во најновиот извештај на Комисијата има само „ограничен напредок“ во делови како борба против корупцијата, организираниот криминал и медиумските слободи.

Тирана, всушност, е сцена на двоен наратив. Еден, политички поедноставен, што го слушаме во насловите: Европа ве чека, сте дел од европското семејство, заслужувате да бидете полноправни членки. Друг, многу поостар, што го читаме меѓу редови во изјавите на истата комесарка: нема пречекорувања на редот, нема прескокнување на реформите, нема „полно право“ без целосно усогласување со европските правила и без јасен избор на демократската страна.

За Македонија, ова значи и нешто дополнително: европскиот комплимент важи само ако дома ќе се испорача она што Брисел го бара веќе години – независно судство, функционални институции, борба со корупцијата, медиумска слобода, стабилни односи со соседите. Кос денес во Тирана вели „Европа ве чека“, но истата таа Комисија во извештаите потсетува дека без владеење на правото, без затворени корупциски досиеја и без решени билатерални спорови, вратата ќе остане во статус „полуотворена“.

Затоа оваа комбинација од пораки – „припаѓате со полнo право“ и „мора да изберете страна и да ги завршите реформите“ – е реалниот пакет што му се нуди на Западен Балкан. Европа навистина не може да биде безбедна без регионот, но исто така не сака во својата куќа да внесе нови кризни точки, недефинирани геополитички ориентации и недовршени правни држави. Таму некаде, меѓу оваа желба за стабилност и домашните слабости, ќе се мери и македонскиот чекор кон ЕУ – подалеку од цитатите за „дом“ и „полнo право“, во бројките и реформите кои стојат зад нив.

Зачлени се на нашиот е-билтен