Владата најавува дека струјата за домаќинствата и во 2026 година ќе остане субвенционирана, но истовремено отвора простор за мало поскапување од јануари, по новиот тендер за набавка на електрична енергија за регулираниот пазар. Со ова повторно се активира стравот кај граѓаните: колку навистина ќе издржат домашните буџети, ако цената на струјата се доближи до пазарната?
Колкава цена побарал државниот производител ЕСМ на годишниот тендер ќе се знае дури по завршување на целата постапка. Така одлучила Владата на затворена седница, без да ја открие понудената цена, но со гаранција дека моделот на субвенционирање останува. Премиерот Христијан Мицкоски уверува дека, независно од тендерската цена, државата ќе интервенира за да не се наруши стандардот на домаќинствата што се на регулираниот пазар.
Во моментов пазарната цена на електричната енергија се движи околу 100 евра за мегават-час, додека ЕСМ сега ја продава струјата за домаќинствата по 62 евра за мегават-час. Овој јаз меѓу пазарната и регулаторната цена досега се покриваше преку буџетски субвенции. Новиот годишен тендер, првпат распишан за цела календарска година, ќе покаже дали државниот производител може да понуди цена што ќе остане во тие рамки или ќе притисне за корекција на крајната тарифа.
Според информациите, денес ЕСМ треба да ја достави својата понуда на тендерот на ЕВН Хоум за потребите на домаќинствата во 2026 година. Повикот важи за целата наредна година, со можност за корекции ако тоа го наложат пазарните услови. Истовремено, до крајот на месецот Регулаторната комисија за енергетика треба да ги утврди новите цени за пренос и дистрибуција, но оттаму засега најавуваат дека не се очекуваат големи промени во мрежните трошоци.

