Родителите поставија транспарент со фотографиите на загинатите од Пулс

Пред почетокот на рочиштето, родителите на загинатите деца поставија голем транспарент со нивните фотографии, испраќајќи порака дека е контрадикторно што ниту еден од обвинетите не се изјаснил за виновен на претходното рочиште.

„Зарем треба ние, родителите, да ги потсетиме зошто се во судница? Никој од нив немаше ниту грам совест и човечност да ја признае вината. А сите ние знаеме кој е виновен и се надеваме дека ќе ја добиеме правдата за своите деца“, изјави една мајка пред судот.

Денешното рочиште може да се следи во живо преку YouTube и Facebook каналите на МИА.

Адвокатот на обвинетиот Џеваир Камбери од Министерството за економија го извести Судот дека е идентификуван вистинскиот сопственик на 13-те мобилни телефони и лаптопот кои беа пронајдени кај неговиот клиент, барајќи од судот да се обрати до Затворот Скопје за официјална проверка.

Пред почетокот на рочиштето се произнесоа и дел од законските претставници на оштетените, кои соопштија дека се приклучуваат на кривичниот прогон и најавија имотно-правни побарувања.

Иако дел од обвинетите на минатото рочиште упатија сочувство до семејствата, никој од нив не призна вина за делото „тешки дела против општата сигурност“. Во воведните говори дадени претходно, адвокатите на сопственикот на дискотеката Дејан Јованов, на сопственикот на објектот Гроздан Милковски, на сопственикот на ММММ Кафе Митко Стојанов и на обезбедувачот Стојанчо Димитриев, ја оспорија основаноста на обвинението.

Одбраната тврди дека обвинетите не презеле дејствија кои би имале директна врска со пожарот и дека поседуваат валидна документација. Најавија изведување докази и сведоци кои, според нив, ќе покажат дека трагедијата е резултат на институционални пропусти, а не на лична одговорност.

Судењето го води судијката Диана Груевска Илиевска, под засилени безбедносни мерки и во присуство на обвинетите, обвинителството, роднини на жртвите и голем број новинари.

Обвинителството, застапувано од тим од 15 јавни обвинители, останува на ставот дека дискотеката „Пулс“ била „смртоносна стапица“ уште од самото отворање, резултат на системска негрижа и институционални пропусти.

На обвинителна клупа седат 37 лица, сопственици, управители, инспектори, поранешни градоначалници, обезбедувачи и државни службеници. Следното рочиште ќе продолжи со излагање на одбраната и презентација на доказите.

Зачлени се на нашиот е-билтен