Во тешкиот вооружен инцидент што во четврток навечер се случи во ромската населба Ситнице, во Меѓимурје, Хрватска, животот го загуби 28-годишна жена, додека нејзината сестра (29) и понатаму се наоѓа во животна опасност. Полицијата интензивно трага по осомничениот 40-годишен маж, кој по пукањето избегал од местото на настанот, соопшти Полициската управа на Меѓимурје.
Според првичните информации, инцидентот се случил околу 21 часот. Двете тешко повредени жени биле итно пренесени во Окружната болница во Чаковец, каде што, и покрај напорите на медицинските екипи, 28-годишната жена починала во 22:10 часот. На нејзината сестра ѝ се констатирани тешки, животозагрозувачки повреди и таа е хоспитализирана на интензивно лекување.
Мештаните за локалните медиуми изјавиле дека осомничениот прво ја застрелал својата сопруга, а потоа и нејзината сестра. Во населбата владее шок и тага, а семејството и пријателите се збогуваат со починатата.
Потврда за трагичниот развој на настаните даде и Радован Гачал, портпарол на Полициската управа Меѓимурје, кој за медиумите истакна дека истрагата е во тек и дека сите расположливи полициски сили се насочени кон пронаоѓање на сторителот.
Силно потресен од случувањата беше и Милорад Михановиќ, градски советник од ромското национално малцинство во Мурско Средишќе, кој истакна дека семејството е длабоко погодено.
„Премногу тага падна врз Ситнице. Починатата Ванеса беше мајка на три деца и трудна во моментот на нападот. Не постојат зборови што можат да ја опишат болката. Се молиме нејзината сестра да преживее,“ изјави Михановиќ за ‘Меѓимурје’.
Полицијата соопшти дека претресите и истражните дејствија продолжуваат, а јавноста ќе биде информирана по утврдување на нови детали.

