Живот во мрак: Како изгледаат зимските денови во европските градови без сончева светлина

Зимата во Европа обично носи пократки денови, пониски температури и топли напивки. Но на далечниот север од континентот владее поинаква реалност, месеци поминати во речиси целосен мрак, со многу малку природна светлина. Овој редок, но фасцинантен феномен е познат како поларна ноќ. И покрај екстремните услови, луѓето таму живеат, работат и секојдневно функционираат. Неколку европски градови се особено препознатливи по ова необично искуство.

Тромзе, Норвешка
Од средината на ноември до средината на јануари, Тромзе често нарекуван и „Париз на северот“ тоне во темнина. Но градот не мирува. Напротив, фестивали, концерти и културни настани се одржуваат токму во овие мрачни месеци, а жителите активно се охрабруваат да излегуваат надвор и да се дружат. Поларната светлина, која во овој период често може да се види, дополнително го обојува специјалното зимско доживување за 80-те илјади жители.

Лонгиербиен, Норвешка
Најнаселеното место на архипелагот Свaлбард брои околу две и пол илјади жители и живее без сончева светлина од крајот на октомври до средината на февруари. Темнината длабоко влијае врз секојдневието: децата одат на училиште со лампи на главата, а возрасните задолжително носат рефлектирачки елеци. Дружeњата и заедничките активности се основен дел од животот. Интересно е што при излегување надвор од населбата се препорачува носење огнено оружје поради опасностите од поларни мечки.

Рованиеми, Финска
Домот на Дедо Мраз е обвиен во мрак од почетокот на декември до почетокот на јануари. Но токму тоа го претвори Рованиеми во туристички бисер. Градот е украсен со светилки, празнични декорации и зимска магија на секој чекор. Финците традиционално многу време минуваат во сауни, кои имаат значајна социјална функција, а активниот живот и зимските спортови се составен дел од секојдневието.

Кируна, Шведска
Најсеверниот град во Шведска, изграден поради богатиот рудник, има околу 17 илјади жители. Тука сонцето исчезнува околу три недели, а неговото отсуство често го надоместува поларната светлина. Леден риболов, фестивали и клизање го прават животот полесен за локалното население, кое ова кратко периодично „време без светлина“ го смета за подносливо во споредба со други арктички градови.

Иако овие места живеат во долг мрак, нивните заедници развиле богата култура, активен социјален живот и уникатни начини за справување со поларната ноќ, создавајќи фасцинантни зимски приказни што го привлекуваат вниманието на целиот свет.

Зачлени се на нашиот е-билтен