Кандидатката на Демократската партија за градоначалничка на Мајами, Ејлин Хигинс, извојува убедлива победа на локалните избори, со што демократите првпат по речиси 30 години ја преземаат контролата во овој град, јавуваат американските медиуми.
Хигинс, поранешна комесарка на округот Мајами-Дејд, освои 59 проценти од гласовите, во споредба со 41 процент за републиканскиот кандидат Емилио Гонзалес бизнисмен и поранешен градски менаџер, поддржан од американскиот претседател Доналд Трамп, пренесе NBC. Од изборниот штаб на Гонзалес соопштија дека тој во вторник вечерта го признал поразот.
„Вечерва граѓаните на Мајами испишаа историја. Заедно свртевме нова страница по години хаос и корупција и ги отворивме вратите за нова ера на етичко и одговорно раководење кое носи реални резултати за жителите,“ изјави Хигинс по победата.
Последен пат демократите го освоиле градоначалничкото место во 1997 година, што ја нагласува значајноста на овој резултат по речиси три децении политичка доминација на републиканците.
Иако и двајцата кандидати водеа кампања ветувајќи прекин со претходните градски политики и нудејќи решенија за економските предизвици, трката во последните недели доби и национална димензија. Клучните теми, како пристапноста на жилиштата, ослабената политичка позиција на претседателот Доналд Трамп и неговата контроверзна агенда за масовни депортации во град со значајна хиспанска популација, одиграа централна улога и се смета дека ќе бидат определувачки и за претстојните избори во 2026 година.

