Најмалку 19 лица загинаа, а 16 се повредени при рушење на две станбени згради во мароканскиот град Фес, објавија локалните медиуми.
Инцидентот се случил во текот на ноќта, во населбата Ал Мостакбал Ал Масира во округот Зуага, густо населен дел од градот со стара и дотраена станбена инфраструктура, пренесува англискиот портал Hespress.com.
Под урнатините и понатаму се смета дека има заробени жители, а службите за итна интервенција веднаш започнале спасувачка акција. Очевидци изјавиле дека локалното население и волонтери биле првите кои реагирале, пред пристигнувањето на специјализираните тимови, и успеале да извлечат едно дете од урнатините.
Властите засега не објавуваат официјален број на жртви, истакнувајќи дека потрагата по преживеани продолжува. Спасувачките тимови со тешка механизација и дополнителна осветлувачка опрема работеле во текот на целата ноќ за да ги поддржат операциите.
Уривањето повторно ги разгоре загриженоста и критиките околу безбедноста на старите згради во работничките населби во Фес. Жителите долго време предупредуваат на длабоки оштетувања на конструкциите и на одложувањата на неопходните реконструкции.
Овој трагичен случај доаѓа по смртоносното уривање на друга зграда во друг дел од Фес во 2025 година, што дополнително го засили притисокот врз локалните власти да воведат построги инспекции, подобра контрола и побрзи интервенции во ризичните објекти.
Локалните власти ги повикаа граѓаните да се држат подалеку од нестабилните структури и да пријавуваат какви било ризици или видливи оштетувања. За семејствата кои останале без дом како последица од уривањето ќе биде обезбеден итен сместувачки капацитет и неопходна помош.

