Кривична против Спасовски: МВР го товари за технички преглед во Сарај

Спасовски

Поранешниот министер за внатрешни работи и актуелен пратеник на СДСМ, Оливер Спасовски, се соочува со нова кривична пријава – овој пат поднесена од самото Министерство за внатрешни работи во кое долги години беше прв човек. Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал вчера до ОЈО Скопје поднел пријава за „злоупотреба на службена положба и овластување“ по член 353 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Според соопштението на МВР, се товари О.С. (49) од Куманово – односно Спасовски – дека во 2021 година, додека бил министер за внатрешни, ја искористил службената позиција за да овозможи правен субјект, станица за технички преглед во општина Сарај, да се стекне со противправна имотна корист од 5.565.927 денари. Суштината на обвинението е во наводно намерно „недејствување“: во законскиот рок не донел решение за одземање на овластувањето на станицата, иако таков предлог му бил доставен од надлежната организациска единица за граѓански работи.

МВР наведува дека Спасовски знаел оти рокот за донесување решение за одземање овластување е најдоцна 15 дена од приемот на предметот, согласно член 65 став 3 од Законот за возила и член 5 од Правилникот за начинот и постапката за издавање и одземање решенија за овластување на правни лица за технички преглед. И покрај тоа, решение не било донесено навреме, па станицата продолжила да работи и за тој период, според пријавата, инкасирала над 5,5 милиони денари – сума што обвинителството сега ја гледа како противправна имотна корист.

Зачлени се на нашиот е-билтен