Пет мажи се уапсени во Долна Баварија, во Германија, под сомнение дека планирале напад со возило врз божиќен пазар, соопштија надлежните служби.
Меѓу уапсените има тројца државјани на Мароко, еден Египќанец и еден Сиријец, пренесува германскиот весник Bild.
Истрагата е во тек, а според медиумските наводи, дојава од странска разузнавачка служба спречила возило намерно да влета во божиќен пазар во Долна Баварија.
Мажите биле приведени во рамки на засилени безбедносни мерки, при што постои сомнение дека планирале напад на еден од божиќните пазари во регионот, иако засега не е познато за кој конкретен пазар станува збор.
Деталите за планираниот напад сè уште не се целосно разјаснети. Идентитетот на странската разузнавачка служба која ги доставила клучните информации не е објавен, но според извори, токму таа укажала на потенцијалната закана, што овозможило навремена интервенција и апсење на осомничените, пишува Bild.
Истрагата продолжува во соработка со меѓународни партнери, а германските власти се во висок степен на готовност со цел да се неутрализираат евентуални дополнителни закани.
Според извештаите, египетскиот државјанин наводно ги поттикнал мароканските осомничени да го извршат нападот.
„Благодарение на одличната соработка меѓу нашите безбедносни служби, неколку осомничени беа уапсени во многу краток рок, со што беше спречен потенцијален исламистички мотивиран напад во Баварија“, изјави баварскиот министер за внатрешни работи Јоаким Херман.