Седумнаесетгодишната девојка чие тело беше пронајдено во опожарен автомобил кај Богданци е жртва на фемицид, според информациите што Рацин.мк ги доби од полициски извори. Девојката претходно пријавила физички напад од своето 21-годишно момче, чие тело вчера беше пронајдено покрај возилото.
Претходното насилство било евидентирано во полицискиот билтен од 1 октомври. Според тогашната информација од МВР, нападот се случил на 30 септември, околу 21 часот, во домот на момчето во Богданци.
Полицијата го лишила од слобода 21-годишникот на 1 октомври во 1:10 часот. За пријавениот напад бил известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија, а МВР најавило соодветна пријава по документирањето на случајот.
Нешто повеќе од еден месец подоцна, на 3 ноември во 18:40 часот, жител на Богданци пријавил опожарен паркиран автомобил кај месноста „Ичева чешма“, во Горно Село, и тело во неговата близина.
Полициските службеници го пронашле 21-годишниот В.Г., а по гаснењето на пожарот било откриено и телото во автомобилот. По наредба на јавен обвинител, двете тела се предадени на обдукција.
Сознанијата за фемицидот и претходната пријава отвораат прашања за постапувањето на институциите во периодот меѓу двата настана. Каква разврска добила пријавата, дали била направена проценка на ризикот и каква заштита добила малолетничката?
Приведувањето на 21-годишникот е евидентирано. Останува надлежните да објаснат што било преземено потоа и како била следена безбедноста на девојката која веќе пријавила насилство.

