Две лица се пронајдени мртви кај месноста „Ичева чешма“, во Горно село кај Богданци. Телото на 21-годишниот В.Г. од Богданци било пронајдено покрај опожарен автомобил, а второто во возилото, објави „Скопје1“, повикувајќи се на информации од МВР.
Случајот бил пријавен на 3 ноември во 18:40 часот. Жител на Богданци ја известил полицијата дека забележал запален паркиран автомобил и тело во неговата близина.
На местото пристигнале полициски службеници од Гевгелија и екипа на Итната медицинска помош, која констатирала смрт кај 21-годишникот. По гаснењето на пожарот, во автомобилот било откриено и второто тело.
Извршен е увид со јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија. По негова наредба, двете тела се предадени на обдукција за утврдување на причините за смртта и идентитетот на лицето пронајдено во возилото.
Засега не се познати причината за пожарот и околностите под кои починале двете лица.
