Либерално-демократската партија соопшти дека поднела тужба во Управниот суд против Министерството за образование и наука поради недонесување управен акт за усогласување на субвенционираниот студентски оброк за 2026 година. Претседателката на ЛДП, Моника Зајкова, обвини дека институциите ја игнорираат законската обврска додека студентите се соочуваат со растечки трошоци.
Од партијата наведуваат дека студентите и натаму добиваат 140 денари, иако износот требало да се усогласува со порастот на трошоците за живот.
Како основа за барањето ги посочуваат стапките на инфлација од 9,4 проценти во 2023 година, 3,5 проценти во 2024 и 4,1 процент во 2025 година. Според пресметката на ЛДП, студентскиот оброк во 2026 година требало да биде повисок за околу 17 проценти.
„Бидејќи вие не го спроведувате законот, ние ќе ја истераме правдата. Почнуваме со тужба до Управниот суд за поведување на управен спор за непочитување на законот, по што ќе следи Иницијатива за оценка на законитоста на исплатата на студентскиот оброк“, изјави Зајкова.
Таа се повика на членот 2 од законот и порача дека студентите треба да го добијат износот што законски им следува.
Со тужбата, според ЛДП, се бара Министерството да биде задолжено да донесе управен акт со кој ќе ја утврди усогласената висина на студентскиот оброк.
Од партијата нагласуваат дека разликата е значајна за студентите што секојдневно плаќаат повисоки цени за храна и други основни потреби. Обвинуваат и за селективна примена на законите, оценувајќи дека институциите мора да ги исполнуваат сопствените обврски исто како што тоа го бараат од граѓаните.
„Студентите не се должни да ја плаќаат цената на институционалната неодговорност“, порачаа од ЛДП.

