Извештајот на Европската комисија за Македонија за 2026 година покажува дека земјава тапка во место со реформите, прикажано преку забавување на напредокот во девет области, но и клучни седум сектори каде што не се забележува никаков напредок. Во најважниот кластер, кластерот 1 Темели, Брисел констатира нула напредок во борбата против корупцијата, слободата на изразувањето и јавните набавки, придружени со директни политички притисоци врз правосудството и медиумите.
Анализа на Наум ЛОКОСКИ
Компаративната анализа на оценките од сите оценувани поглавја и области покажува дека државата тапка во место. Вкупното ниво на подготвеност во однос на претходната година е подобрено само во две поглавја – дигиталната трансформација и образование и култура. Наспроти ова, во девет сектори оценката за остварен напредок е пониска од лани, во 16 области напредокот е само ограничен, а во седум е оценет со чиста нула.
Судството доби закони, но останува под притисок на власта и без пари
Најострите забелешки на Европската комисија се однесуваат на функционирањето на правосудството, каде што и покрај усвојувањето на новиот Закон за Судскиот совет и Законот за Советот на јавните обвинители, независноста е сериозно поткопана. Брисел нотира дека провокативните изјави на високи политичари за планови за „чистење“ на судството и обвинителството, како и личните критики кон судии и обвинители, претставуваат недозволено влијание и заплашување.
Како чекор без преседан во извештајот се издвојува заедничката реакција на Врховниот суд, Судскиот совет и Здружението на судии од ноември 2025 година против континуираните неосновани јавни напади од највисоките нивоа на власта. Како ризик за политизација е посочена и владината постапка за разрешување на Државниот јавен обвинител и покрај негативното мислење на Советот на јавни обвинители, која заврши со негова оставка пред собраниското гласање и избор на нов шеф на обвинителството во март 2026 година.
Покрај политичките притисоци, правосудството се соочува со финансиски и кадровски колапс. Буџетот за судовите во 2026 година изнесува само 0,29 отсто од БДП наместо законски предвидените 0,8 отсто, додека обвинителството добило 0,24 отсто наместо законските 0,4 отсто од државниот буџет. Власта во декември 2025 и февруари 2026 година по скратена постапка ги намали и коефициентите за плати на судиите и обвинителите, потег што Уставниот суд подоцна го укина како неуставен.
Поради недостиг на пари во буџетот за 2026 година, Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители ја поништи најголемата постапка за прием на 130 слушатели. Европската комисија предупредува дека поради оваа одлука државата нема да добие нови кандидати за судии и обвинители пред 2028 година, во услови кога веќе недостигаат 221 судија и 67 обвинители, а во судовите се пополнети само 38 отсто од местата за стручни соработници.
Во борбата против корупцијата земјата повторно доби оценка нула за напредок. Комисијата оценува дека корупцијата останува широко распространета и дека честите промени на Кривичниот законик, менуван трипати во три години, создаваат правна несигурност. Законските измени од јануари 2026 година за злоупотреба на службената положба не ги санираа штетните последици од спорните измени од 2023 година. Иако беше вратена посебна одредба за злоупотреби при јавните набавки, таа е со премногу тесен опфат, а воопшто не е решен ниту проблемот со застарувањето на делата, вклучително и за предметите од поранешното СЈО.
Во делот за висока корупција се споменува судењето на поранешен вицепремиер кој по меѓународна потерница се врати во земјата и се наоѓа во домашен притвор, обвинението против директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, како и обвинението за перење пари и нелегален имот против судија од Апелациониот суд Скопје, поврзано со поранешен државен правобранител осомничен за поткуп. Сепак, ЕК констатира дека квалитетот на обвиненијата е слаб, судењата се одолговлекуваат, а конфискацијата на имот останува најслабата алка. Дополнително, се нотираат потресите во ДКСК со судењето на поранешната претседателка за оддавање службена тајна, оставката на еден член поради конфликт на интереси и сомнителното поништување на првичниот оглас за избор на нов член во Собранието.
Слободата на изразувањето и медиумите падна од ланскиот ограничен напредок на целосна стагнација. Во 2025 година се регистрирани дури 40 тужби за навреда и клевета против новинари, што е речиси трикратен скок во однос на 15-те тужби во 2024 година, како и пет физички и безбедносни инциденти, вклучувајќи палење возило на новинар, насилен упад во редакција и координирани онлајн напади врз новинарки.
Европската комисија предупредува дека повторното воведување на државно финансирани кампањи во приватните медиуми претставува директен ризик за политичко влијание врз уредувачката политика. Истовремено, привременото кратење на законскиот буџет за радиодифузниот сектор и неговата исплата на рати се посочуваат како структурни форми на притисок врз Македонската радио-телевизија и медиумскиот регулатор АВМУ.
Земјоделството и јавните набавки во зона на стагнација
Застој без никаков напредок е нотиран и кај јавните набавки, заштитата на потрошувачите и јавното здравје, слободното движење на стоки, правото на основање и услуги, како и правото на трговски друштва. Кај реформата на јавната администрација е забележан одреден напредок поради проширувањето на електронските услуги на националниот портал на вкупно 338, но ЕК упатува сериозни критики за Законот за висока раководна служба од јуни 2026 година поради пропусти во комисиите за селекција, регрутирањето и критериумите за разрешување директори. Исто така, се нотира дека дневните редови на владините седници се кријат од јавноста пред нивното одржување, а 50,42 отсто од законите во Собранието и понатаму се носат по скратена постапка.
Најголем пад на реформското темпо во однос на претходната година има во земјоделството и руралниот развој, каде што оценката за напредок се спушти од три на еден. Причина за тоа е привремениот прекин на програмата ИПАРД 3 по откриените неправилности, одложувањето на земјоделскиот попис за 2027 година и непрефрлањето на регистарот на фарми и системот за земјишни парцели во Платежната агенција, додека уделот на земјоделството во БДП падна на 5,98 отсто.
Дигитализацијата и науката – ретки светли точки во извештајот
Наспроти овие слабости, највисоки оценки за добар напредок во извештајот добија само три поглавја – дигиталната трансформација и медиумите, науката и истражувањето преку операционализацијата на агенцијата ИНОВА и учеството во програмата Хоризонт Европа, како и надворешната и безбедносна политика поради целосната усогласеност на државата со ставовите на Европската Унија.

