Состојбата во македонските затвори, полициските станици и установите за социјална грижа и психијатрија останува ужасна, констатира Европската комисија во најновиот Годишен извештај за Северна Македонија. Брисел упатува исклучително остри критики поради пренатрупаноста зад решетките, отсуството на здравствена заштита и целосното игнорирање на препораките на европските тела за спречување тортура.
Квалификацијата „ужасна“ (appalling) е меѓу најдиректните и најострите констатации во поглавјето посветено на темелните права и правосудството во извештајот на ЕК. Во документот се наведува дека државата воопшто не напредувала во спроведувањето на клучните препораки издадени од Европскиот комитет за спречување тортура (ЦПТ) уште во мај 2024 година, со што само се повторуваат наодите од претходните извештаи.
Казнено-поправните установи се соочуваат со хронична пренатрупаност. Официјалните статистички податоци во извештајот покажуваат дека стапката на исполнетост на капацитетите во затворите изнесува меѓу 113,2 и 118 отсто, со што просторните услови за сместување се далеку под пропишаните хумани стандарди. Покрај пренатрупаноста, објектите се во крајно руинирана состојба, а затворите во земјата сè уште во голем број се раководат од вршители на должност директори.
Особено алармантен е делот што се однесува на здравствената заштита. Во извештајот е забележано дека нема никаков напредок во подобрувањето на пристапот до лекари за осудените и притворените лица. Формирањето на Централната координативна единица за затворска здравствена заштита постојано се одложува, додека Министерството за здравство не покажува соодветен ангажман за акредитација на медицинскиот кадар во установите. Европската комисија подвлекува сериозна загриженост и поради целосното отсуство на соодветни мерки и програми за третирање на зависностите од дрога меѓу затворениците.
Корупцијата зад решетките останува сериозен проблем што го поткопува системот. Иако се спроведуваат мерки како задолжителни претреси на просториите и лицата од страна на затворската полиција, нерегуларностите не се искоренети.
Паралелно со тоа, Брисел лоцира системски слабости во истражувањето и процесуирањето на пријавите за насилство и тортура. Истрагите за прекумерна употреба на сила и насилство во кои се инволвирани полициски службеници или затворски чувари се неефикасни и подложни на постојани одолговлекувања. Извештајот констатира дека е неопходно воспоставување функционален надворешен механизам за граѓанска контрола и надзор врз полицијата за да се обезбедат брзи, независни и непристрасни истраги.
Националниот превентивен механизам, кој функционира при канцеларијата на Народниот правобранител, работи со само тројца вработени, што според ЕК претставува сериозно ограничување на капацитетите за ефикасно вршење на инспекциските надлежности на терен.

