Поранешниот државен правобранител Фехми Стафа приведен во истрага за корупција

Поранешниот државен правобранител Фехми Стафа е лишен од слобода, потврдуваат извори вклучени во истрагата. Предметот го води Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, додека од Министерството за внатрешни работи официјално потврдуваат апсење на лице со иницијали Ф. С.

Стафа беше на функцијата државен правобранител од август 2018 до 23 август 2022 година, кога беше разрешен од должност. Државниот правобранител се именува од Владата и е надлежен за заштита на имотните и правните интереси на државата.

Во јуни 2022 година, „360 степени“ објави истражување за случај на незаконска денационализација, во кој четири скопски семејства со години водат судски постапки, а во предметот беше инволвирано и Државното правобранителство, со кое тогаш раководеше Стафа.

По информациите за апсењето, од МВР соопштија дека станува збор за лице со иницијали Ф. С., без дополнителни детали, најавувајќи повеќе информации во текот на денот за основите на лишувањето од слобода.

Дел од медиумите објавуваат дека Стафа е осомничен за примање поткуп во износ од неколку десетици илјади евра.

Фехми Стафа, кој по заминувањето од функцијата работел како адвокат, неодамна беше меѓу пријавените кандидати на јавниот оглас на Собранието за избор на член на Судскиот совет.

Зачлени се на нашиот е-билтен