Европските лидери оценија дека е постигнат значаен напредок во напорите за обезбедување праведен и траен мир во Украина, по разговорите одржани во Берлин со украинскиот претседател Володимир Зеленски, соопшти Европскиот совет.
Во соопштението се наведува дека лидерите го поздравиле интензивниот ангажман на тимовите на Украина, САД и европските земји во последните недели и се согласија да продолжат со заедничка работа за постигнување траен мир што ќе го зачува украинскиот суверенитет и европската безбедност.
Од Европскиот совет посочуваат дека безбедноста, суверенитетот и економскиот просперитет на Украина се составен дел од пошироката евроатлантска безбедност, нагласувајќи дека украинскиот народ заслужува независна и стабилна иднина без закана од идна руска агресија.
Американските и европските лидери се обврзаа да работат заедно на обезбедување силни безбедносни гаранции и мерки за економско закрепнување на Украина во рамки на евентуален мировен договор. Како дел од тие обврски, предвидена е значајна поддршка за изградба и одржување на украинските вооружени сили на ниво од околу 800.000 војници, способни да ја одвратат идната агресија и да ја бранат територијата на земјата.
Се предвидува и распоредување мултинационални сили за Украина, предводени од европските земји во рамки на таканаречената „Коалиција на подготвените“, со поддршка од САД, како и воспоставување меѓународен механизам за надзор и верификација на примирјето, кој би бил под водство на Соединетите Американски Држави.
Лидерите најавија и правно обврзувачки механизми за преземање мерки во случај на нов вооружен напад, како и инвестиции за обнова и реконструкција на Украина, со напомена дека руските суверени средства остануваат замрзнати сè додека не се утврди обештетување за причинетата штета.
Истовремено, беше изразена силна поддршка за европската интеграција на Украина и за одлуките што ќе ги донесе претседателот Зеленски во врска со клучните национални прашања. Европските лидери повторија дека меѓународните граници не смеат да се менуваат со сила и дека одлуките за територијата ѝ припаѓаат исклучиво на Украина, откако ќе бидат воспоставени цврсти безбедносни гаранции.
Во соопштението се наведува и дека сега е на Русија да покаже подготвеност за траен мир преку прифаќање на примирје и учество во сериозни преговори, при што европските земји најавија зголемување на притисокот врз Москва доколку тоа не се случи.
Соопштението беше усвоено од претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, како и од лидерите на Франција, Германија, Велика Британија и повеќе други европски земји.