Силно невреме со екстремни налети на ветер урна голема реплика на Статуата на слободата во градот Гуаиба, во сојузната држава Рио Гранде до Сул, во близина на Порто Алегре. И покрај драматичните сцени од уривањето, надлежните служби потврдија дека нема повредени лица.
Репликата, висока 35 метри, била поставена во 2020 година пред трговски објект на ланецот Havan и претставувала едно од најпрепознатливите обележја на градот. Видео-снимките што се појавија на социјалните мрежи прикажуваат како статуата се ниша под силниот ветер, по што се урива нејзиниот горен дел и паѓа во близина на сообраќајница.
Невремето било најавено со црвено метеоролошко предупредување, а цивилната заштита навремено ги алармирала граѓаните да останат во затворени простории. Според Националниот институт за метеорологија на Бразил, брзината на ветерот во регионот надминала 90 километри на час, поради судир на ладен фронт и силна атмосферска нестабилност.
Од компанијата Havan соопштија дека безбедноста е приоритет и дека веднаш биле испратени специјализирани екипи за расчистување и проверка. Како што информираа, постаментот на статуата останал стабилен, додека се урнал само горниот дел од конструкцијата.
Невремето предизвика и други проблеми во регионот, меѓу кои поплави, оштетени објекти и нарушен сообраќај. Локалните власти најавија дека состојбата ќе се следи и во наредните денови и ги повикаа граѓаните да пријават евентуална штета.