Австриската јавна телевизија ORF го претстави визуелниот идентитет и дизајнот на сцената за Изборот за песна на Евровизија 2026, кој ќе се одржи во Виена. Новиот концепт носи спој на органски форми и современа технологија, објави порталот Eurovision World.
Во центарот на сцената ќе доминира голема ЛЕД-површина во форма на закривен лист, која ќе биде главниот визуелен фокус на продукцијата. Целокупниот изглед е надополнет со впечатлив лак и сложена носечка конструкција.
Листот, како клучен мотив, го симболизира почетокот и потенцијалот, алудирајќи на нови почетоци и заеднички креативен простор што ја слави музичката разновидност на Европа. Закривената линија ја претставува резонанцијата и движењето на музиката, со цел да се пренесе чувство на поврзаност и емоција, додека златната конструкција создава контраст меѓу уметноста и функционалноста.
Еден од поинтересните елементи на дизајнот е директната поврзаност на Грин румот со сцената преку посебна патека. Тоа ќе им овозможи на изведувачите да се движат низ публиката, вклучувајќи ја и традиционалната победничка прошетка на крајот од финалната вечер.
Зад дизајнот стои познато име
Автор на сценографскиот концепт е реномираниот сценограф Флоријан Видер, за кого ова ќе биде јубилеен, десетти ангажман на Евровизија.
Видер е светски познат по својата работа, а неговото портфолио вклучува сцени за MTV наградите, емисиите America’s Got Talent и Britain’s Got Talent, како и австриските верзии на Star Mania, Танц со ѕвездите и Големата шанса. Тој соработувал и со музички ѕвезди како Бијонсе, Џенифер Лопез и групата U2.
Досега, Видер ги дизајнираше сцените за Евровизија во Базел (2025), Малме (2024), Ротердам (2021), Тел Авив (2019), Лисабон (2018), Киев (2017), Виена (2015), Баку (2012) и Диселдорф (2011).