Повреда го наруши планот на Лазаров пред ЕП – Карасманакис отпадна од комбинација

Селекторот на македонската машка ракометна репрезентација, Кирил Лазаров, се соочува со сериозен удар во пресрет на подготовките за настапот на Европското првенство, кое ќе се одржи во јануари.

Поради повреда, од составот отпадна кружниот напаѓач на РК Алкалоид, Валентин Карасманакис, кој заработи скршеница на прстот од шутерската рака и нема да може да им помогне на „црвено-жолтите“ на континенталниот собир.

Лазаров експресно реагираше и упати повик до Никола Маркоски, кој веднаш се приклучи на подготовките на националниот тим.

Ова е уште една кадровска грижа за селекторот, откако претходно поради повреда отпадна и Милан Лазаревски. Во моментов, за позицијата на линијата од шест метри Лазаров располага со Жарко Пешевски, Самоил Ристевски, Марко Стојковиќ и Михаил Аларов.

Македонија во рамки на подготовките ќе одигра пријателски натпревар против Хрватска на 28 декември во Пореч, а потоа ќе настапи и на турнирот во Винтертур, каде од 8 до 10 јануари ќе се соочи со Швајцарија, Бахреин и Украина.

Зачлени се на нашиот е-билтен