Координирана акција на поранешни функционери на ДПМНЕ за рушење на партијата, ќе го откриваме криминалот и понатаму, велат од СДСМ

Како примери за, според нив, сомнителни зделки, од партијата наведуваат 161 тендер доделен на една фирма во вредност од 5,3 милиони евра, 9 милиони евра за друга фирма со само двајца вработени, како и милионски тендери доделени на студент на Христијан Мицкоски во рок од само два месеци.

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија обвини дека ВМРО-ДПМНЕ спроведува организирана и координирана операција за уривање на СДСМ одвнатре, токму во момент кога партијата, преку својот Антикорупциски тим (АКТ), јавно ги отвора и разобличува, како што велат, криминалните тендери, коруптивните зделки и предавствата на актуелната власт.

Од СДСМ посочуваат дека вакви напади немало во изминатата година и половина, а започнале токму сега – откако АКТ ги објави спорните тендери и ја промовираше новата платформа за борба против криминалот и корупцијата.

Како примери за, според нив, сомнителни зделки, од партијата наведуваат 161 тендер доделен на една фирма во вредност од 5,3 милиони евра, 9 милиони евра за друга фирма со само двајца вработени, како и милионски тендери доделени на студент на Христијан Мицкоски во рок од само два месеци.

„Затоа ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ја руши СДСМ одвнатре“, порачуваат од партијата, додавајќи дека станува збор за синхронизирана акција во која, како што тврдат, се активирани поранешни функционери, лица кои со години не биле присутни во јавноста, како и поединци кои ја напуштиле СДСМ и се приклучиле кон, како што велат, предавнички структури и коалициски партнери на ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ нагласува дека нема да биде замолчена и дека сценаријата за нејзино рушење нема да успеат. Антикорупцискиот тим, како што велат, продолжува со работа, а граѓаните масовно се приклучуваат во борбата за правда.

Од партијата информираат дека на дигиталната платформа МИЦКО.мк секојдневно пристигнуваат нови пријави, истакнувајќи дека „вистината веќе излезе на виделина“ и дека нема враќање назад.

„Ќе објавиме сè. Секој кој е вмешан во криминал и корупција ќе одговара. Работата не е завршена“, порачуваат од СДСМ. објави Скопје1.мк

Зачлени се на нашиот е-билтен